Во издание на книгоиздателството „Изида“ од Софија излезе во печат преводот на бугарски на книгата новели „Кадифената покривка“. Преведувач е познатиот проследувач и толкувач на македонската литература, Маријан Петров. Појавувањето на „Кадифената покривка“ беше со голем интерес проследено од бугарските медиуми, а авторката наречена „прва дама на македонската литература“.
Романот „Куќичка“ на Оливера Николова е објавен на српски јазик во превод на угледната српска поетеса, есеистка и преведувачка Лилјана Стеиќ, а во издание на книгоиздателството „Арка“ од Смедерево.
„Романот „Куќичка“ на Оливера Николова ги фокусира пред се’ психолошките превирања и егзистенцијалната криза на жената која не се снашла во сопствениот живот и во животот на едно зовриено и девастирано општество во транзиција“, вели критичарката и есеистка Татјана Лазаревиќ- Милошевиќ. „Динамичната, реторски ефектно градена раскажувачка перспектива го прави читателот дел на романескниот свет и полезен соговорник во заплетот кој опфаќа елементи на разни романескни видови: овој роман е и љубовен, и општествен, и во еден слој криминалистички, или роман на тајни... Романот е реалистична слика на состојбите видени во огледалото на транзицијата низ кои минаа сите земји на просторот од поранешна Југославија, Источна Европа, СССР...“