„Зоки Поки“ стана средовечен маж, а нема кој да го наследи.

Сега би требало да се појави дете што ќе биде во духот на ова живеење - кое играта на улица или во маало ја заменува со игри во игротека или пред компјутер, вели Весна Мојсова-Чепишевска, професорка по светска и македонска книжевност за деца

Англичаните го имаат Оливер Твист, Американците - Том Соер, ние го имаме Зоки Поки. Kнигата на Оливера Николова е класика во македонската литература и референца на детството на сите деца во Македонија.

Токму годинава прославува половина век откако е објавена. Ни тогаш ни денес не постои дете што ја нема прочитано книгата за приказните на палавиот Зоки, чија пријателка Лидија го нарекува Поки.

Според Весна Мојсова-Чепишевска, професорка по светска и македонска книжевност за деца на Филолошкиот факултет „Блаже Kонески“, „Зоки Поки“ и по 50 години не е стар, се уште живее и е интересен.

- И покрај тоа што е пишуван пред 50 години,тој е сe уште актуелно дете и денешните деца може да се препознаат во тој Зоки Поки со сите негови итроштини - вели Мојсова-Чепишевска.

Потенцијал за меѓународен бренд

Таа водеше странска група од студенти и од дипломци по македонистика во рамките на неодамнешниот Меѓународен семинар за македонски јазик и литература, која ја проучуваше токму оваа книга по повод 50 години од излегувањето. Мојсова-Чепишевска вели дека било убаво искуство со странци да се доживее едукативноста на текстот, кој може да биде забавен и за другите средини.

- Ликот на Зоки Поки им беше многу интересен. Се договоривме некои од нив да направат и преводи на одредени раскази што ќе ги објавиме на неколку јазици во нашите изданија на Семинарот за македонски јазик - објаснува Мојсова-Чепишевска.

Таа годинава била дел и од комисија што вршела ревизија на лектирите (преку Бирото за развој на образование при Министерството за образование и наука). Советниците правеле испитувањата кај децата кои лектири ги читаат и кои им се интересни. Заклучиле дека „Зоки Поки“, „Kасни порасни“ и „Шеќерна приказна“ се едни од најубавите книги кога децата учат да читаат сами.

Мојсова-Чепишевска вели дека и по 50 години сe уште не се појавил нов Зоки Поки.

Претстава во Битола

- Сега би требало да се појави дете што ќе биде во духот на ова живеење - кое играта на улица или во маало ја заменува со игри во игротека или пред компјутер. Таков лик с` уште не се појавил. Во Зоки Поки го препознаваме детето по кое можеби тагуваме дека го нема. Тоа е тоа дете што живее со баба, расте во маало, има другарка од зграда, домашно милениче, работи што денес се губат кај децата. Но, неговите итроштини или неговата мудрост на децата им е драга и затоа е многу популарен. Не знам зошто досега не се направи некој серијал со Зоки Поки. Овој лик е многу интересен да се анимира, да се направи и како стрип за да се доближи повеќе до децата - објаснува Мојсова-Чепишевска.

Пред три години театарот „Бабец“ од Битола го постави „Зоки Поки“ како мјузикл. Тоа е единствената претстава преку која оживеал најпопуларниот детски лик. Васко Мавровски, менаџер на „Бабец“, вели дека претставата досега ја виделе околу 5.000 деца. Гостуваше во Kрива Паланка, Ресен и во Штип, а за идната сезона планираат голема турнеја во 200-ина града низ земјата.

- Беше голем мотив за родителите да ги донесат своите деца на театар бидејќи сите тие се сретнале со Зоки Поки, а никогаш визуелно не го доживеале. Kонтактиравме со Оливера Николова. Претходно имаше некакво сценарио за пилот-серија според книгата, која таа не го одобри и беше многу скептична во однос на тоа како ќе изгледа како театарска претстава. Но, нејзин агент дојде во Битола, ја изгледа претставата и ја одобри. Околу девет раскази се драматизирани, за секоја сцена има по една песна наменски напишана според текстот на Оливера Николова и беше направен детски мјузикл, што предизвика големо внимание. Никола Пројчевски, кој го игра Зоки Поки, е најголема ѕвезда меѓу децата - вели Мавровски.

Омилена книга на децата

Kнигата на Николова е лектира за второ одделение, а ја издава „Детска радост“.

Оттаму велат дека нема да прават посебно издание за јубилејот, но до крајот на годинава ќе издадат книга со собрани дела од Оливера Николова, во која ќе биде вклучено и делото „Зоки Поки“.

- Имаме голема побарувачка за „Зоки Поки“. Тоа е една од омилените книги на децата, што се гледа според тиражите. Најчесто книгите за деца ги печатиме во 5.000 примероци. Сите изданија се распродаваат. Во последните десет години откако работиме во рамките на „Просветно дело“, сигурно ја имаме преиздадено три-четири пати - вели Ирина Ставрева, уредник во „Детска радост“.

Марина Лазаревска

Дневник, 1 јули 2013