Романот „Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова излезе од печат во Москва на самиот почеток на септември, неколку дена пред отворањето на најголемиот книжевен саем во Русија 26 Меѓународен саем на книга во Москва. Токму со овој роман Русија се вклучи во проектот "Сто словенски романи" што го реализира Форумот на словенските култури. Издавач на книгата е издавачкиот центар «Рудомино».

Книгата е издадена многу квалитетно, во тврд повез, со тираж од 1000 примероци. На Саемот книгата беше изложена на штандот на Форумот на словенските култури, како и на штандот на издавачкиот центар «Рудомино». На 6 септември македонскиот роман многу успешно се промовираше во Серуската државна библиотека за странска литература «Рудомино». Во интервјуто дадено за радиото «Гласот на Русија» рускиот историчар на книжевноста Jулија Созина меѓу другото и заблагодари на славистката Олга Панкина, познат промотор на македонската литература на рускојазичното подрачје, за изборот за превод од десетте македонски романи токму на романот «Вежби за ибн Пајко» кој несомнено ќе им биде многу интересен на руските читатели, како и за извонредниот превод.