
ПЕШАЦИ ПО ЦРНИ ПОЛИЊА - најнов роман на Оливера Николова
„Дневник“, „Нова Македонија“ 17 март 2017 г.
Пешаци по црни полиња е насловот на новиот роман на писателката Оливера Николова, што го објави издавачката куќа „Матица македонска“. Николова е во редот на водечките романсиери во современата македонска литература, авторка на богат прозен опус во кој од специфичен агол ги согледува историските, националните и социјалните превирања, вели во поговорот на книгата Гоце Смилевски.
Како вешто прозен мајстор пишува за општественото раслојување во годините кога се трансформираат институциите и низ ткаежот на животните приказни се разобличуваат многубројни човечки судбини. Новото романескно остварување претставува круна на богатиот творечки опус што писателката ни го завешта во изминатите децении – пишува Смилевски за новото дело на Николова.