На 3 ноември 2024 година, во 21.08, на 88-годишна возраст, почина Оливера Николова. Зад себе ги остави сопругот и поет Цане Андреевски, синот Златко, ќерката Јана и внуката Марика, како и своето богато книжевно творештво за деца и возрасни. 

„Веста за смртта на Оливера Николова, која пишуваше со енормна енергија и креативност,  ја примивме со нескриена емотивност и тага, велат од Институтот за македонска литература. Не само поради тоа што Оливера Николова беше и останува првата дама на македонската современа проза, туку и поради тоа што таа беше за многумина омилена јавна личност , со која сме се дружеле уште во детството , преку култната книга за деца „ Зоки Поки“, неодамна филмувана. И која што пленеше со скромноста и благородноста на својата личност, а истовремено зад себе го имаше оној огромен капитал на разнообразје на теми, книжевни мотиви, експериментирање со стилови, што навистина секогаш одново побудуваше интерес“ (Наташа Аврамовска, директорка на Институтот за македонска литература)

„...Оливера остана надвор на мостот меѓу два света со очи широко отворени кон длабочините на човечката душа, ум, тело, заедница, време и простор. Оливера беше и остана да биде гатачка на загадочното писмо и јазик на човечкото суштество. Читач на љубовта и омразата, на доброто и на злото, испреплетени во неразмрсливи јазли.

60 години живот, целосно посветен на уметноста на јазикот и книжевноста. Исконска посветеност, ненаметлива, достоинствена и самосвесна. Од раскажувач и драматург на детските сништа и мечти, Оливера стана раскажувач и романсиер кој ги промислува авантурите со женствени, феминистички предзнак на жената од жената од нашиве македонски, балкански и европски простори, во минатото и денес.(...) Таа имаше навистина душа и свест, која беше хиперсензибилна на човечките страдања и неправди, а од друга страна воопшто не беше заблудена по ежедневните прагматични и други признанија и титули (...)“ (академик Катица Ќулавкова)

„...Ја испративме најдобрата писателка што ја создаде, што ја изнедри македонскиот јазик и самиот повреден колку што сме повредени и сите ние.(...) Сакаше да зборува за најдребни, најневажни нешта; а пишуваше за најголеми, најсуштински нешта. Никогаш не обратното. Ќе ја помниме по најситните детали од кое е сочинето нејзиното грандиозно Цело и дело, по тоа што не може животот, а може книжевноста; по тоа што не може вистината, а може измислицата; по тоа што не може јазикот, а може молкот... ќе ја помниме како книжевна и човечка парадигма. (...) Нејзината раскажувачка рака чукаше како срце, биеше како камбана, трепереше како љубов и за децата и за возрасните, и за мажите и за жените, и за машкото и за женското писмо, и за историјата и за совремието. “ (Оливера Ќорвезироска)

„...Во мигот на разделбата од нејзиното телесно присуство од нас, уште појасно сознаваме дека тоа што Оливера Николова го создаде маестрално, одамна поставува бедеми за вистинската литературна вредност. Од нас, нејзините наследници, ќе зависи дали ќе се мериме со нејзините строги творечки критериуми и ќе создаваме не за слава, туку заради таа чудесна тивка радост во пишувањето која таа толку силно ја доживуваше. Изворот на силата на нејзиниот збор и приказна беше навистина „радоста во пишувањето“. Според  неа, таа радост беше доволна утеха и за „проклетството“ на творештвото“. (Кица Колбе)

„...Оливера Николова - најсветлата парадигма на македонската современа култура. Оливера Николова, таа тивка, мудра, и бескрајно моќна жена ни го подари со своето творештво светот на нашето детство и на нашата зрелост - оној свет кој можеби не сакаме некогаш да го забележиме. Таа ги правеше најубавите плетива, везови, шнитови на книжевното животно знаење, кое беше база на нашето животно искуство.

Македонската книжевност и култура во творештвото на Оливера Николова го имаа својот најбуен извор на теми, контексти, интелектуални и емоционални лаборатории. Нејзината книжевност е токму тоа - волшебна лабораторија на човечката психологија, на животните предизвици во релациите.

Заминуваат најмудрите, најдаровитите, најзаслужните за она што сме.

Благодарна сум за секој нејзин збор, за сета нејзина гласна тивкост“. (Искра Гешоска)

„Фасцинира нејзиното благородно сфаќање на чинот на пишувањето. Оливера го има дарот да се слее со духот на светот во совремието, да проникне во неговата срж и токму од таа слеаност произлегува и специфичната ангажираност во нејзините дела. Ангажираност во најубава, најненаметлива смисла на зборот. Оливера ќе ни недостасува, но се надевам не премногу, оти со секое наше ново читање и истражување на нејзиното дело ние ќе бидеме со неа.

Оливера Николова беше писателка чија појава и творештво оставаат неизбришливи траги не само во нашето културно и општествено милје, туку и низ светот, и за чија личност и дело може да се зборува само со восхит и со извонредна благодарност“. (Живко Грозданоски)