Тромбот ( 1997 г.) е обемен роман-фреска на еден можен свет во кој сите сме живееле, учествувајќи во него, насетувајќи дека постои или, пак, воопшто не знаејќи дека е сегде околу нас. Роман за деструктивната сила на едно постоење, зачната како невина снежна топка, а потем стркалана како лавина која уништува с# пред себе (како тромб што расте, расте... за да се откачи од “крвната улица” и да усмрти, божем ненадејно). Фудбалот е милје во кое се одвива една застрашувачка животна приказна со недоброј учесници од кои секој одделно е тиранин и жртва. Ликовите го сподвижуваат тркалото на смртта, без да бидат свесни дека тоа на крајот ќе помине и преку нив... (...)Тромбот, во романот Тромбот е вистинскиот главен лик кој го контролира движењето на светот, оттаму и движењето на болката (мездрето од роговите за Огнен и за татко му Борис), на успехот (Огнен наспроти тренерот Нико Илиевски), на љубовта (Елена, Смилка), на страдањето (сите заедно и секој одделно)... Трите часа и шесте минути пред смртта на Огнен Герасимовски се универзализирани и објективизирани на цели 316 страници на кои на проблемот му е пристапено од сите постојни (но и од сите можни) агли на гледање.
(...) Романот Тромбот, но и тромбот како медицина, може да биде симбол на една можна закана за сите нас. Тој е литерарна верзија на еден општ, загаден крвоток на неминовноста. Распаѓање на животите на поединците, но и на животот на заедницата. А, за да пишува за сето тоа, писателот треба да “истражува”, да “научи”, да се подготви. Оливера Николова, како што беспрекорно раскажува, беспрекорно и се подготвува, така и толку, што да помислите дека живеела живот на фудбалер, но и живот на лекар, живот на секој свој роман одделно. Тоа е таа типична “подготовка за роман” чијшто вистински мајстор е Николова... За Николова е предизвик да пишува за нешто што не знае, сепак, по направената подготовка за роман, таа раскажува апсолутно знаејќи го тоа со што се зафатила.